Речиси половина од новоизградените станови во Скопје стојат непродадени. Во моментов слободни се околу 43 отсто од становите во зградите што се пуштени во употреба од почетокот на годинава и за кои се извадени имотни листови, покажува најновиот извештај на специјализираната консултантската куќа за недвижности „Фортон Македонија“. Анализата на „Фортон Македонија“ покажува дека во првата половина од годинава бројот на нови станови пуштени во употреба се зголемил за дури 90 отсто во споредба со втората половина на 2012 година. И покрај тоа што цените на овие станови се пониски од второто ланско полугодие, инвеститорите не можат да продадат речиси половина од нив. Повеќето од новоизградените станови се во скопските општини Аеродром, Центар и Kарпош.
Речиси половина од новоизградените станови во Скопје стојат непродадени.
Во моментов слободни се околу 43 отсто од становите во зградите што се пуштени во употреба од почетокот на годинава и за кои се извадени имотни листови, покажува најновиот извештај на специјализираната консултантската куќа за недвижности „Фортон Македонија“.
Анализата на „Фортон Македонија“ покажува дека во првата половина од годинава бројот на нови станови пуштени во употреба се зголемил за дури 90 отсто во споредба со втората половина на 2012 година. И покрај тоа што цените на овие станови се пониски од второто ланско полугодие, инвеститорите не можат да продадат речиси половина од нив. Повеќето од новоизградените станови се во скопските општини Аеродром, Центар и Kарпош.
Масовната изградба на згради во последните години, но и намалената побарувачка за станови, се главната причина за ваквата состојба.
- Изминатите две години се градеше интензивно, а становите не се продаваа бидејќи побарувачката остана иста, дури малку и се намали. Целиот притисок за продажбата не им одеше на инвеститорите бидејќи тие на подизведувачите им плаќаа со компензација давајќи им станови. И тие немаа слика колку станови реално се непродадени. Подизведувачите подоцна ги нудеа тие станови на продажба за 10 до 15 отсто пониски цени. Сето ова придонесува за пад на цените, што, од една страна, е добро за купувачите, но е лошо за инвеститорите - вели Влатко Богоевски, генерален менаџер на „Фортон Македонија“.
Според нивните анализи, становите во Скопје сега се продаваат по 4,9 отсто пониски цени од втората половина на 2012, а Народната банка (НБМ) пресмета дека тие во првите три месеци од годинава поевтиниле за 5,5 отсто, односно дека станбениот квадрат поевтинил од 45 до 70 евра. Па така, најевтините станови, кои првично се продавале по 850 евра за квадрат, сега би требало да се купат за 800. Тие што чинеле 950 евра, сега се околу 900, а тие од 1.000 евра паднале на 945. Најскапите станови од 1.200 или 1.300 евра за квадрат сега би требало да може да се купат за 1.150, односно 1.230 евра за квадратен метар.
Аналитичарите предвидуваат дека трендот на намалување на цените ќе продолжи. Зголемената понуда, како и слабата побарувачка ќе ги притискаат инвеститорите и понатаму да ги спуштаат цените, односно тие ќе се приспособат на условите на пазарот и на достапноста на банкарските кредити.
- Нашите прогнози се дека цените ќе паѓаат и во текот на целава година. Се очекува да се стабилизираат некаде во втората половина на 2014 година - вели Богоевски.
Анализата открива и дека се менуваат желбите на граѓаните кога станува збор за купување станбен простор. Така, купувачите од внатрешноста на земјава бараат да купат стан во централното градско подрачје на метрополата, а купувачите од Скопје с` повеќе преферираат да купуваат станови во организирани резиденцијални комплекси надвор од центарот на градот.
Највисока цена на станови е регистрирана во Центар каде што станбениот квадрат во просек се продава за 1.211 евра, а во Аеродром, општина со најголема густина на население и со интензивно градење - за 931 евро за квадратен метар. Тоа се за 5,6 отсто пониски цени во споредба со втората половина на 2012 година.
Трговските центри ги диктираат кириите
Пазарот на деловен малопродажен простор и натаму ќе го креираат трговските центри. Притоа најголем успех ќе имаат оние центри што ќе успеат да привлечат брендови во согласност со стандардот и со барањата на потрошувачите, пишува во анализата на „Фортон Македонија“. Во моментов закупнините за најатрактивниот простор во Скопје се во просек околу 40 евра за квадратен метар, а месечна кирија за простор на атрактивната улица Македонија во строгиот центар на градот е околу 30 евра за квадрат. Според анализата, се очекува просторот во старите трговски центри кои немаат јасен концепт и понуда на соодветни брендови да поевтинува, како и да остануваат с` повеќе незакупени или непродадени продавници.